Прв тест за Европа: Дали ќе бидат неопходни екстремни мерки?

50

Арктичкиот студ што ќе ја зафати Западна Европа во текот на следната недела ќе биде првиот тест за тоа колку се подготвени Европејците да го одложат почетокот на греењето за да заштедат пари.

Како што пишува Блумберг, температурите во Лондон ќе бидат речиси пет Целзиусови степени под просекот за овој дел од годината и ќе достигнат до 6,5 степени во текот на ноќта во вторник, според  Maxar Technologies Inc.

Германскиот град Франкфурт во среда се предвидува да биде 3,5 степени под нормалата за септември, додека делови од Франција и Шпанија исто така ќе се соочат со температури од три до четири степени под сезонската норма.

Во меѓувреме, мрежните оператори разработуваат планови за рационализирање на енергијата доколку е потребно оваа претстојна зима. Со целосно искористување на опциите за замена на руските испораки на природен гас со други извори, фокусот е на намалување на побарувачката. Во идеална ситуација, потрошувачите ќе го направат тоа доброволно, но ако не го сторат тоа, постојат неколку мерки на кои мрежните оператори можат да прибегнат, а најекстремната од нив е организираното исклучување.

Почетокот на следната недела ќе биде уште постуден бидејќи арктичкиот воздух ќе се движи кон југ, а силниот северен ветер ќе го засили чувството на студ“, соопштија од Метеоролошката канцеларија на Велика Британија.

Грејната сезона официјално започнува дури во октомври, кога температурите треба да се вратат во нормала, но ова ќе биде реално тест за енергетската дисциплина во регионот во време кога владите се обидуваат да ги намалат трошоците во сите сектори на економијата. Европската унија разговара, од друга страна, за обврзувачката цел за намалување на електричната енергија, пренесува Јутарњи лист.

Додека владите издвојуваат милијарди евра за поддршка на потрошувачите кои се борат со зголемените трошоци за енергија, се зголемува надежта дека многу луѓе ќе ги исклучат термостатите, дури и во постудените месеци.

„Постојат одредени знаци за намалување на побарувачката на домаќинствата поради растот на малопродажните цени“, вели EnergyScan, платформата за анализа на пазарот на француската групација за енергетска индустрија Engie SA. „Но, тоа допрва треба да се потврди во наредните недели“, забележуваат тие.

Со оглед на тоа што многу луѓе се враќаат во канцелариите по олеснувањето и укинувањето на мерките за коронавирусот, побарувачката за енергија треба да достигне врв во раните утрински и доцните попладневни часови, особено ако се има предвид дека ќе има многу повеќе запалени светилки како што деновите ќе се скратат.

Во Обединетото Кралство, постојат знаци дека побарувачката за гас рано наутро веќе се зголемува оваа недела, според податоците од мрежниот оператор National Grid Plc. Производството на електрична енергија од ветерниците, пак, беше ниско, што го истакнува проблемот што мирното време во комбинација со ниските температури може да биде исклучително тешка ситуација оваа зима.

Се очекува до почетокот на октомври температурите да се нормализираат за овој период од годината кога ќе се зголеми и производството на електрична енергија од ветерните електрани.