Прва обука за корпоративни секретари

74

Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза и Институтот на директори ја организираат првата обука за корпоративни секретари во Македонија.

“Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза и Институтот на директори, поддржани од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на групацијата на Светска банка, веќе подолго време соработуваат со цел да ги промовираат добрите практики на корпоративно управување во компаниите и воопшто на пазарот на капитал во Македонија. Имајќи ги предвид светските трендови, трите институции одлучија да ја организираат првата обука за корпоративни секретари во Македонија“, се вели во соопштението објавено на Македонска берза.

Улогата на корпоративниот секретар, како што се наведува, е да се унапреди квалитетот на корпоративното управување во компанијата и да се почитуваат корпоративните правила и политики, притоа грижејќи се за примена на законските процедури од страна на органот на управување и остварување на правата и обврските на одборот на директори, односно надзорниот одбор во согласност со законите, статутот и другите акти на друштвото.

Обуката ќе се одржи во период од 12-ти до 17-ти декември оваа година. Истата ќе се спроведува врз основа на меѓународна методологија изработена врз основа на долгогодишното искуство на ИФЦ во оваа област. Пријавувањето е најдоцна до седми декември.