Соларната автобуска станица која ова лето беше поставена во општина Слано до Дубровник, побуди голем интерес надвор од Хрватска. За оваа иновација на компанијата Енергомобил, која освен за чекање на јавен превоз служи и за сурфање на интернет и полнење на мобилни телефони, веќе има нарачки од Абу Даби.
“На изработката на првата хрватска соларна автобуска станица интензивно работеа пет луѓе. Ја развивавме година ипол до две. Голема е потребата за вакво нешто во места каде што нема пристап до електрична енергија, луѓето патуваат на работа рано наутро, се враќаат доцна навечер, чекаат автобуси на неосветлени, мрачни автобуски станици. Првенствено тоа беше идејата, да доведеме електрична енергија таму каде што ја нема. Автобуската станица со соларни панели дава ЛЕД осветлување, а можат да се полнат мобилни телефони, лаптопи, разни уреди. За Абу Даби се нарачани 400 соларни станици. Сега работиме еден прототип за нив, затоа што сакаат на нашата да надоградат затворен тип на станица, која би била комплетно климатизирана”, вели Марија Мрвељ, директорка на Енегромобил во прилогот на ХРТ.
Интерес за соларната автобуска станица има и од други земји, како Грција, Египет, Италија и Сингапур.