Фото: Facebook
Првиот брод на водород, Energy Observer, којшто е познат и како прво експериментално еколошко пловило минатата недела вплови во пристаништето во Котор во Црна Гора, пишува Bankar.me. Така Бока Которска ќе биде една од станиците на шестгодишното патување на Energy Observer околу светот.
Energy Observer е некогашна тркачка регатна едрилица, којашто денес е детално реконструирана, и прва којашто успеала да го пробие симболичкиот лимит од препливани 500 наутички милји за 24 часа. Бродот е долг 30,5 метри и широк 12,8 метри, а денес е претворен во комплексен високотехнолошки систем на електромотори коишто се напојуваат со струја од системот на горивните ќелии на база на водород.
Бродот плови со брзина од 8-10 чворови, а неговата намена е да тестира современи еколошки решенија и да промовира нови технологии кои се наменети за зачувување на животната средина. Energy Observer се напојува со струја од соларните панели во вкупна површина од 130 квадрати, а го движат и две вертикални турбини на ветер и посебен т.н. змеј. Бродот самостојно произведува декарбонизиран водород од морската вода, со којшто го полни својот систем на горивни ќелии. Целиот систем е потполно автономен и не емитува никакви штетни гасови.
Бродот е дизајниран од тим на инженри од Франција и ќе плови околу светот до 2022 година поминувајќи 50 држави и 101 пристаниште.