Прво пуштање со работа за оваа сезона на новата шестосед жичница во Ски – центарот Попова Шапка

46

Од утре првпат за оваа сезона ќе се пушти во функција новата шестосед жичница Лајтнер во ски – центарот Попова Шапка.

Користењето на шестоседот Лајтнер, на првиот ден на пуштањето на жичницата за оваа сезона, за панорамски разглед за посетителите на ски – центарот Попова Шапка е бесплатно.

Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1.510 метри, со максимален капацитет за транспорт на скијачи од 2.400 скијачи на час. Шестоседата жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот АјдучкаРамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри. Останатите денови шестоседата жичница ќе работи редовно, како и останатите ски – лифтови и жичници во Ски – центарот, од 9 до 15:30 часот.

Цената за едно возење на шестоседата жичница која ќе важи од сабота е 150 денари. За сите билети во ски – центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.

Новата жичница со постојните ски – лифтови и жичници ќе овозможи подобар и побрз проток на скијачи и ќе понуди уште поатрактивни скијачки патеки. Со тоа, Ски – центарот Попова Шапка и оваа сезона е вистинскиот избор за скијање и сноубординг и за сите кои уживаат во зимските спортови.