Публикација на ИНФЕ-ОЕЦД ги истакнува активностите на Народната банка за финансиска едукација преку дигиталните канали  

24

Според анализата посветена на Дигитализацијата на финансиите на потрошувачите и финансиското образование во Југоисточна Европа од Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој  (ИНФЕ-ОЕЦД), нивото на дигиталната финансиска инклузија во земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) во последните години бележи зголемување, но во просек сè уште е на пониско ниво во споредба со земјите на ОЕЦД. Истовремено, e забележана зголемена употреба на дигиталните канали за спроведување на финансиската едукација во регионот на ЈИЕ, што овозможува поголем опфат на населението и олеснет начин на споделување на материјалите за финансиска едукација.

Во анализата, меѓу другото, се истакнува дека Народната банка на Република Северна Македонија за да ги задоволи потребите и ограничувањата на различните групи население, користи различни дигитални алатки и канали за финансиска едукација. Притоа е истакната примената на едукативните видеоматеријали. Имено, станува збор за изработени и објавени девет анимирани едукативни видеозаписи од серијалот: „Со Народната банка во светот на финансиите”. Bидеозаписите се достапни на интернет-страницата на Народната банка, социјалните медиуми и каналите на Јутјуб, како и на традиционалните канали, односно националната телевизијата, со цел да се опфати пошироката јавност. Понатаму, истакнато е одржувањето онлајн едукативни квизови коишто се организирани за учениците од средното образование, натпреварите коишто се организирани околу онлајн играта „Заработете и заштедете” за учениците од oсновното образование и предавањата наменети за различни целни групи и организирани преку различни алатки за видеоконференции, со цел да се задоволат потребите на учесниците.

Заложбите на Народната банка за преземање активности за натамошното унапредување на финансиската писменост и финансиската инклузија ќе продолжат и во иднина.