Puma гледа потенцијал за двојно зголемување на приходите

29

Компанијата за спортска опрема Puma има намера да ги удвои долгорочните приходи од продажба во битка со големите ривали Nike и Adidas. „Puma дефинитивно има потенцијал да генерира повеќе од 10 милијарди евра приход. Потоа ќе видиме каде ќе одиме“, изјави извршниот директор Бјорн Гулден во интервју за „Ханделсблат“.

Бизнисот на третата по големина компанија во секторот, исто така, оди добро.
„Добро ни оди во третата четвртина и чувствуваме дека и четвртиот квартал ќе биде добар“, рече Гулден. Сепак, предизвиците се уште се големи. „Виетнам е затворен, има недостаток на контејнери, цените на товарот се зголемија за шест пати и целокупниот синџир на снабдување во моментов е попречен од коронавирусот“.

Puma забележа мал пад на продажбата до 5,2 милијарди евра во пандемијата 2020. Во однос на профитот, Гулден се стреми кон двоцифрен оперативен принос на продажба за 2023 година. Минатата година, маргината беше преполовена на 4% поради пандемијата.

Гулден ја отфрли можноста за бојкот на контроверзното Светско првенство во Катар следната година. „Јас сум спортски романтичар“, вели шефот на Puma. Тој верува дека спортот може да ги зближи луѓето. Покрај тоа, големиот настан имаше потенцијал дополнително да ја расветли ситуацијата во земјата. „Мислам дека бојкотот е најлошото нешто што можеме да го направиме“.

„Многу патував низ светот во последните 30 години. Во многу земји, ситуацијата многу се подобри за овој период. Можеби спортот придонесе барем мал дел за тоа. И кога Светското првенство сега се одржува во Катар, тоа ќе донесе многу новинари таму и ќе ја расветли ситуацијата“.

И покрај оптимизмот на менаџерот, акциите на германската компанија паднаа за 0,63% до 98,36 евра (во 15 часот). Претходно тие достигнаа дневно најниско ниво од 98,08 евра по акција – најниско ниво од крајот на јуни. Рекордното ниво од 110 евра беше достигнато на почетокот на август.