Пуштена во оптек кованата пара “Вага“ за колекционерски цели

86

vaga

Кованата пара за колекционерски цели “Вага“ од серијата “Хороскопски знаци“ е издадена и пуштена во оптек, информира Народната банка на Македонија.

На аверсот на оваа кована пара е прикажана украсна композиција што претставува симбол на времето, врз основа на Сонцето, Месечината и ѕвездите коишто го опкружуваат песочниот часовник. Сонцето е насликано со злато на вметнато сино тркалезно кобалтно стакленце (низ целото стакленце).

На горниот дел од кованата пара е прикажан грбот на Република Македонија. По должината на периметарот, на двете страни, се прикажани симболите на осумте планети од Сончевиот систем коишто, покрај Сонцето и Месечината, влијаат на хороскопските знаци (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон). Исто така, по должината на периметарот се прикажани натписите: “Република Македонија“ и “10 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање “2014“ и ознаката “Ag925“.

На реверсот, во центарот на монетата, е прикажана вага со два крака. Едниот тас од вагата е исполнет со монети и е прикажана пеперутка како седи на нив. На местото на другиот тас е вметнато кобалтно стакленце на кое е претставена слика на соѕвездието Вага. На долниот дел, по должината на периметарот, е прикажан симболот на хороскопскиот знак Вага отпечатен на тег и името на хороскопскиот знак на латински јазик. Одредени елементи на релјефот (вклучувајќи ги симболот Вага, пеперутката и вагата) се насликани со злато.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 21,00 г, чистота на среброто 19,43 г, во овална форма со димензии од 35 х 45 мм, полирани со 24-каратна златна меѓуоснова и вметнато тркалезно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованата пара “Вага“ изнесува 2.700 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.