Работата од дома им донесе милијарди долари

Минатата фискална година што заврши во март 2021-ва беше посебно успешна за Logitech, швајцарска компанија што се занимава со производство на опрема за компјутери, како што се тастатури, глувчиња, веб камери и слично. Во финансискиот извештај се наведува дека во наведениот период се зголемени приходите за 76% во однос на истиот период лани, од 2,98 милијарди на 5,25 милијарди долари.

Причина за тоа е што во последната година, поради пандемијата, поголемиот дел од компаниите своите канцеларии ги преселија во “домашните“ канцеларии. Поради преминот на таков модел на работа ширум светот, се зголеми и побарувачката за информатичка опрема, што резултираше со зголемување на приходите на производителите на таква опрема.

Најголем дел од продажбата, во висина од околу 2,2 милијарди долари отпаѓа на потрошувачите од Америка, додека приходите од Европа, Блискиот Исток и Африка се околу 1,7 милијарди долари.

Како што се зголемувале приходите, така растеле и трошоците посебно оние што се поврзани со рекламирање и развој.

Logitech наведува дека за оваа фискална година планира да одвои 450 милиони долари, додека претходно одвојувале меѓу 181,7 и 298,6 милиони долари.

И покрај тоа што некои компании заговараат враќање во канцеларија, се очекува поголемиот дел од нив да го задржат хибридниот модел и по пандемијата.

Фото: Pexels