Работен клуб за стекнување вештини за вработување

26

Во рамки на проектот на УСАИД Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување, во Центарот за вработување на Град Скопје денес повторно е отворен Работниот клуб.

Клубот има за цел да им помогне на невработените млади лица од 15 до 29 години, пријавени како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување да ги стекнат потребните вештини за вработување.

На отворањето на клубот присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорите на Агенцијата за вработување Влатко Поповски и на Mисијата на УСАИД Џејмс Стајн и раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје Слободанка Алексовска.

“Лицата кои се вистински заинтересирани за вработување им е отворен овој обучен дел на Агенцијата, каде ќе им ги презентираме сите можности за вработување и зголемување на вработливоста кај младите. Не е секогаш само да се бара работа, туку и начинот на кој се бара е многу битен. Доста од младите немаат ниту основно познавање, како се прави CV, како да се однесуваат и да бидат облечени на интервју, кои се прашања кои не се поставуваат”, рече директорот на Агенцијата Поповски потенцирајќи дека организираат групи со 15 до 20 лица.

Според Алексовска, проектот има јасно дефинирана цел за зајакнување на вештините за вработување на младите директно и индиректно, преку градење на капацитетите на невработените млади лица.

“Работниот клуб во Центарот за вработување на Градот Скопје, кој е реновиран и опремен ќе има голем придонес во јакнење на компетенциите за вработливост на овие млади невработени лица, кои ќе се стекнат со подготовка за вработување. Младите треба подобро да се информираат за локалната економија на трудот и за тоа што всушност бараат работодавачите, треба да развијат и вештини за интервју за да можат да се презентираат и себеси на начин, кој ќе им помогне да најдат работа, рече Алексоска.

Како што појасни Стајн, програмата Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување, опфаќа повеќе теми, меѓу кои комуникациски и лидерски вештини, тимска работа, начини за барање работа, личен развој однесување на работното место и финансиски вештини.

“Постои голем јаз меѓу вештините, што работниците ги имаат и оние кои се потребни на постојниот пазар на трудот. Доколку сакаме ефективно да ја намалиме стапката на невработеност во Македонија, мораме да го намалиме тој јаз”, нагласи Стајн.

Обучувачите и дел од учесниците кои успешно ја поминаа обуката денес добија сертификати.