Работнички права за време на корона

37

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на дебатата насловена Работнички права за време на корона – Корона права, во склоп на тридневната Текстилијада во Штип, организирана од страна на Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници Гласен Текстилец.

Почитувањето на работничките права на текстилните работници и работнички во време на пандемијата со КОВИД 19, беше темата на овогодинешната Текстилијада.

Како почесен гостин –говорник на денешната дебата беше претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој го посочи значењето на ваков тип на дебати кои имаат за цел унапредување на работничките права преку отворен и широк социјален дијалог во интерес  на засегнатите страни.

Министерката Шахпаска зборуваше за предизвиците кои ги донесе пандемијата од КОВИД-19 и политиките и мерките преземени од Владата на Република Северна Македонија, со цел поддршка и помош на компаниите, зачувувањето на работните места и граѓаните, особено најранливите категории.

Таа истакна дека четвртиот пакет економска помош граден заедно со претставници од сите засегнати страни, синдикатите, работодавачите и Владата има за цел полесно премостување на кризата предизвикана од корона вирусот која освен здравствени, остава зад себе и економски последици.

“Овој пакет повторно ќе ги адресира проблемите на компаниите и ќе биде насочен кон помагање на работниците, но пристапот е различен. Овојпат помошта која ќе ја дава државата ќе биде скалеста. Оние компании кои имаат сериозна загуба ,ќе добијат поголема парична помош до 21.000 денари, а оние со помала загуба 14.500 денари. Тоа е пакет од 57 милиони евра кој државата директно го вбризгува во компаниите и на тој начин овозможува работниците да останат на своите работни места“, посочи Шахпаска.

Таа истакна и дека Оперативниот план за активни мерки кој го креира Владата оваа година е 78% реализиран. Што значи дека и во време на КОВИД-19, Агенцијата за вработување ги троши паричните средства одвоени од Буџетот минатата година во износ од 1,3 милијарди денари.

Министерката го посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација кој е во собраниска процедура како особено значаен во делот во борбата против дискриминација на работниците врз било која основа.

“Продолжуваме со борбата за еднаквост, за зачувување на работничките права и  борбата против мобингот“, порача Шахпаска.