Работниците не се доволно запознаени со стандардите за безбедност при работа

25

Работниците не се доволно информирани за стандардите за безбедност при работа, покажуваат резултатите од истражувањето што беше спроведено во рамки на проектот Граѓански организации како активни социјални актери во промоција на БЗР стандарди, што го спроведе Македонското здружение за заштита при работа, пишува Миа.

Податоците укажуваат дека од вкупниот број анкетирани, најмал е процентот на вработените кои се запознаени со законските права и обврски од областа на безбедноста и заштитата при работа, а многу повеќе за овие стандарди се информирани работодавачите и стручните лица за безбедност при работа. Исто така, вработените се најмалку инфомирани и со процедурата за пријава на повреда на работа, односно потврдно на ова прашање одговориле 77% од вработените, а повисок е процентот на работодавачите, стручните лица за безбедност при работа и специјалистите по медицина на трудот кои дале потврден одговор.

Поради ова, Македонското здружение за заштита при работа препорачува поголема информираност на вработените, зголемување на свеста на работодавачите дека безбедноста при работа не е трошок, туку придобивка. Со цел да се подобрат состојбите се препорачува и поголемо учество на граѓанските здруженија кои се занимаваат со оваа проблематика поради што во рамки на проектот се изработени и стратегија и водич за унапредување на безбедноста и здравјето при работа.

“Безбедни и здрави услови при работа е основното човеково право со кое најчесто правиме компромис, а резултатите се бројните повреди на работа, професионалните заболувања и најлошото бројните смртни случаи. Во нашето законодавство ја имаме инкорпорирано европската директива за безбедност и здравје при работа, но мора да се најдат начини како да се имплементира тоа”, истакна претседателот на македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски.

Според Александар Гроздановски, декан на Факултетот за безбедносно инженерство на Меѓународниот славјански универзитет Г.Р. Державин, има голем простор да се образуваат вработените, а потребно е и активно учество на сите чинители од оваа област.

Претставници на Македонското здружение за заштита при работа во мај во Бугарија ќе учествува и на регионална конференција за безбедност и здравје при работа на која ќе присуствуваат претставници од меѓународни и европски организации кои се занимаваат со безбедноста при работа. На конференцијата, како што беше најавено, ќе биде регистрирана и балканска мрежа на организации за безбедност и здравје при работа.