Работниците ширум светот бараат повисоки плати поради инфлацијата

19

Работниците ширум светот бараат повисоки плати поради зголемената инфлација, а зголемениот број штрајкови ги погодуваат клучните делови од синџирите на снабдување, пишува Axios. Тензиите на работното место веројатно ќе создадат уште поголем притисок врз светските цени, додаваат американските медиуми.

Оваа недела започна штрајк на железничарите во Франција, кои бараат повисоки плати поради зголемувањето на трошоците за живот, што доведе до прекин на железничките услуги во таа земја, пренесува АП.

Државната железничка компанија соопшти дека речиси секој четврти воз е откажан, додека регионалните услуги како што се приградските возови се прекинати.

Штрајковите претходно ја прекинаа работата на главните аеродроми во Париз, додека штрајкот на работниците во рафинеријата „Ексон“ се закануваше со затворање.

Во Обединетото Кралство штрајкуваа сите од железничарите и поштенските работници до наставниците, пишува Њујорк Тајмс.

Околу 8.000 пристанишни работници во Германија излегоа на штрајк минатата недела, при што беа погодени најмалку шест големи пристаништа и беа запрени пратките.

Во Јужна Кореја, камионџиите излегоа на осумдневен штрајк минатиот месец, намалувајќи ја работата на бизнисите, вклучително и оние што произведуваат челик и компјутерски чипови. Во меѓувреме, синдикалните работници во Хјундаи гласаа за штрајк.

Синдикатот на кабинскиот персонал на Ryanair, со седиште во Шпанија, планира да штрајкува 12 дена во јули за да побара подобри работни услови, објавија во саботата синдикатите USO и SICTPLA, објави CNBC.

Норвешките работници на платформите за гас и нафта, исто така, излегоа на штрајк барајќи повисоки плати, што малку ја влоши енергетската криза. Норвешката влада интервенираше во вторникот за да го прекине штрајкот и предложи „задолжителна арбитража за платите“.