Расположението на потрошувачите во САД опаѓа

Расположението на потрошувачите во САД падна во август, повлекувајќи се од јулското ниво кое беше највисоко од октомври 2021 година, покажаа во петокот конечните резултати од истражувањето на потрошувачите на Универзитетот во Мичиген.

Индексот на расположението на потрошувачите се намали за 2,1 процентен поен на 69,5 во август, од 71,6 во јули. Пазарните очекувања за индексот предвидуваа дека тој ќе достигне 71,2, јавува Anadolu Agency.

„Иако се подобрија условите за купување трајни добра и очекувањата за условите за живот, долгорочната економска перспектива падна за околу 12 отсто овој месец, но сепак е повисока од пред само два месеци“, рече директорката за истражување на потрошувачите Џоан Хсу.

„Потрошувачите забележуваат дека брзите подобрувања во економијата во изминатите три месеци се ублажени, особено кога станува збор за инфлацијата, и се неизвесни за идните движења“, додаде таа.

Инфлациските очекувања се зголемија од 3,4 отсто во јули на 3,5 отсто во август, додека долгорочните очекувања за инфлација беа три отсто трет месец по ред.