Раст на штедењето во услови на пандемија

73

Со раст на штедењето во услови на пандемија годинава е одбележан Светскиот ден на штедењето, а во организација на Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување на депозити.

Денот на штедењето оваа година го одбележуваме во специфични услови. Се бориме со последиците од непознат вирус и тоа не само на здравствен туку и на економски план. Се бориме за секој живот, но и за опстанок на секој деловен субјект, на секое работно место. Сепак, и во вакви услови го одбележуваме Денот на штедењето и тоа со постигнувања што се за почит“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Во време на здравствено-економска криза, вкупните депозити бележат годишен раст од 6,1 %.

Заклучно со септември, вкупните депозити на граѓаните бележат годишен раст од 6,1%, додека вкупните депозити на компаниите бележат годишен раст од 8%. Ова е добар сигнал дека довербата во банкарскиот систем е на завидно ниво“, потенцира Бесими, и додаде дека штедењето во денари е повисоко од девизното штедење, при што учеството на денарските депозити во вкупните депозити, заклучно со 30 септември, изнесува 52,3%.

Позитивното движење кај штедењето е проследено и со раст на кредитирањето. Кредитирањето на граѓаните и фирмите бележи годишен пораст од 7,3%. Притоа, кредитирањето на населението бележи раст од 9,5%, а на корпоративниот сектор од 5,2%.

“Во услови на здравствена криза придружена со економска криза, сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор како доминантен сегмент на финансискиот пазар кој има клучна улога во поддршка на економијата, е главен приоритет од областа на финансиите на Владата“, нагласи министерот. 

Тој информира дека во моментов тимови на Министерството и Народната банка работат на неколку закони во насока на дополнително зајакнување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор.

Фото: Pixabay