Раст на трошоците на живот во февруари

18

Трошоците на живот во февруари оваа година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,1%, а кај цените на мало нема промена, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трошоците на животот во февруари 2021 година, во однос на февруари 2020 година, бележат зголемување од 1,9%, а кај цените на мало има зголемување од 1,8%.

Пораст на трошоците на животот во февруари 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 2,7%, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови, виното за 0,8%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,5%, рибата и морските плодови, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,3%, лебот и житата, полномасното млеко за 0,2%.

Во февруари, исто така, пораст на трошоците на животот, е забележан и кај гасот за домаќинствата, моторните возила, информатичката опрема за обработка на податоците за 3,1%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 1,4%, медиумите за снимање за 0,9%, снабдувањето со вода, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,7%, патниот патнички транспорт за 0,6%, големите електрични апарати за домаќинствата, фармацевтските производи, градините, растенијата и цвеќињата за 0,5%, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 0,4%, мебелот и покуќнината за 0,3%.

Намалување на трошоците на животот во февруари 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, жестоките пијалаци за 0,7%, сирењето и урдата за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 18,6%, обувките за 2,3%, собирањето на отпадните води за 1,2%, ткаенините за изработка на облека за 0,5%, облеката, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики, другите лични предмети за 0,4%, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,3%, домашните миленици и сродните производи за 0,2%.

Фото: Pexels