Растат банкротите во Германија

Бројот на банкроти меѓу германските компании продолжи да расте во последните месеци, покажаа податоците на Федералниот завод за статистика.

Во октомври се регистрирани 22,4 отсто повеќе стечајци отколку истиот месец лани, објавија во вторник статистичарите. Стапките на раст се двоцифрени од јуни, со дури 19,5 отсто во септември.

Во последниве години, многу компании избегнаа неликвидност со огромната помош што ја дава државата поради пандемиската криза.

Експертите затоа сегашното зголемување го гледаат како нормализација. Тековните бројки, исто така, сè уште се далеку под вредностите на индексот од 2015 година.

Стечајната постапка влегува во статистиката дури по првата судска одлука за неликвидност. Во многу случаи, вистинскиот датум на банкрот е скоро три месеци порано.

Заводот за статистика ги објави конечните бројки за август. Според овие податоци, локалните судови регистрирале 1.556 стечаи на фирми. Тоа беше за 35,1 отсто повеќе од една година порано.

Доверителите во текот на август побарувале околу 1,8 милијарди евра, додека истиот месец лани тој износ изнесувал 800 милиони.