Расте индексот на трошоците на живот

17

Државниот завод за статистика објави дека индексот на трошоците на животот во мај годинава, пораснал за 1,7% споредбено со мај 2017 година, и изнесува 100,0 индексни поени, додека, пак, индексот на цените на мало забележа раст од 3,1 % и изнесува 100,7.

Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук (освен компирот и другите коренести плодови) за 13,1%, потоа кај цигарите за 5,0 %, свежото и разладеното овошје за 2,3 %, замрзнатото овошје за 1,3 %, другите прехранбени производи за 0,7 %, месото за 0,6 %, алкохолните пијалаци за 0,5 %, итн.

Во мај 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај туристичките пакет- аранжмани за 12,1 %, парамедицинските услуги за 7,2 %, течните горива за домаќинствата за 7,0 %, услугите за сместување за 5,9 %, болничките услуги за 5,5 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 4,6 %, информатичката опрема за 2,9 %, гасот за домаќинствата за 2,4 %, услугите за лична хигиена за 0,5 % итн.

Намалување на индексите на трошоците на животот овој мај споредбено со април 2018 е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 %, јајцата за 0,9 %, сувото овошје и јаткастите производи за 0,6 %, шеќерот, џемот, медот и кондиторските производи за 0,4 % и млекото за 0,2 %.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 5,0 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 3,1 %, градините, растенијата и цвеќињата за 2,6 %, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 1,4 %, игрите, играчките и хобијата за 1,3 %, средствата за чистење и одржување на станот за 0,9 %, накитот и часовниците за 0,6 %, големите електрични апарати за домаќинствата и опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3 %.

Фото: Pixabay