Расте неизвесноста на пазарот – ЕУ бара алтернатива за рускиот гас

Поради војната во Украина и стравот од прекини во снабдувањето, неизвесноста на пазарот на нафта и гас се продлабочува. Цената на гасот вчера надмина 2.250 долари, а барел нафта до 118 долари. Сите европски земји, забрзано градат резерви на гас и нафта.

Европската унија покрива 40 отсто од потребите за гас, а 30 отсто за нафта од Русија, а испораките засега се редовни. Сепак, загрижува тоа што Украина побара од Унијата да не купува гас од Газпром, а Вашингтон рече дека е за воведување санкции на рускиот енергетски сектор и да анализира колку тоа ќе има влијание на светскиот пазар.

Земјите од Европската унија бараат алтернативни решенија: Германија гледа излез во течниот гас, Унгарија надополни повеќе од 50 отсто од своите резерви. Во Австрија велат дека немаат опција брзо да го заменат рускиот гас. Истото важи и во Бугарија, каде експертите предлагаат „итен план Б“.

„Бугарија тешко ќе ги задоволи потребите за гас, бидејќи е 94 отсто зависна од Русија. Во случај на гасна криза, владата треба да преземе итни мерки за склучување посебни договори за солидарност со Грција, Романија и Турција. Ваквите договори се дел од европската регулатива за безбедност на снабдувањето со гас“, вели Мартин Владимиров од Центарот за директна демократија.

Русија е втор најголем извозник на нафта во светот и тесно соработува со ОПЕК. А земјите извознички се договорија да го задржат сегашното ниво на производство на „црното злато“ до август.