
Производството на муниција во Германија брзо расте, но горната граница сè уште не е достигната, изјави министерот за одбрана Борис Писториус.
Писториус ја посети фабриката на „Динитек“, која произведува детонатори и експлозиви. Станува збор за филијала на компанијата „Дил Дифенс“, чија дејност е производство на ракети и муниција, пренесува ДПА.
Писториус рече дека Дил Дифенс е пример за тоа како Германија треба да стане помалку зависна, „секаде каде што е можно преку технолошки развој, но и преку проширување на индустриските погони и капацитети во Германија“.
Владата во Берлин сака да го зголеми производството на оружје поради војната на Русија против Украина и политиката „Америка на прво место“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Капацитетите во фабриката во Тројсдорф веќе се дуплирани, а ќе се дуплираат повторно во наредните години, рече извршниот директор на Дил Дифенс, Хелмут Раух.
Тој изјави дека оваа компанија инвестира милијарди евра во фабрики во Германија. Како пример, го спомена системот за воздушна одбрана ИРИС-Т, каде што капацитетите се зголемени за десет пати. Осум системи ИРИС-Т веќе се испратени во Украина, а уште толку се подготвуваат, потсети Раух.
Тој го опиша овој систем со краток дострел како најсовремен во Украина, кој покажа голема ефикасност.











