Речиси половина од медот увезен во Европа е лажен

153

Европската комисија во својот извештај наведува дека значителен дел од медот што се увезува во Европа е лажен, но уште полошо е што често не се открива. Најмногу фалсификуван мед доаѓа од Кина и Турција.
Според земање мостри и мониторинг спроведени од Брисел, речиси половина од медот од неевропските земји се меша со шеќерни сирупи направени од ориз, пченица или шеќерна репка.

Сите адитиви се забранети според европските регулативи. Од 320 серии мед тестирани од Заедничкиот истражувачки центар, официјалната лабораторија на Комисијата, 147 биле лажни. Тоа се 46 отсто од анализираните примероци. Ова претставува значителен дел од медот што се консумира во Европа.

Со 175.000 метрички тони увезен мед годишно (или околу 40 проценти од потрошувачката), Стариот континент е вториот најголем увозник на мед во светот по САД. Забележаниот „лажен мед“ доаѓа главно од Кина и Турција.

Генералниот директорат за здравје и безбедност на храна на Европската комисија ја координираше оваа голема контролна операција во рамките на Европската унија, во соработка со 16 европски земји, како и со Норвешка, Швајцарија и Европската канцеларија за борба против измами.

Примероците беа земени на границите, главно во европските пристаништа, помеѓу ноември 2021 и февруари 2022 година. Истражувачите дополнително открија употреба на адитиви и бои за фалсификување на вистинскиот ботанички извор на медот и прикривање на вистинското географско потекло на медот со фалсификување на податоците за следливост и отстранување на поленот, според Le Monde.

Фото: Pixabay