Регионална иницијатива за прогласување на 2015 година за Година на конкурентноста

18

Стопанската комора на Македонија на 18 февруари 2015 година ќе ја прослави 93-годишнината од своето основање, со свечено одбележување на овој значаен јубилеј за коморското организирање во Република Македонија.

Овој значаен настан ќе биде одбележан во знак на Иницијативата на Стопанската комора на Македонија, за прогласување на 2015 за Година на конкурентноста во Република Македонија и во земјите од регионот, прифатена и од другите стопански комори од регионот – членки на Асоцијацијата на балканските комори.

На настанот ќе земат учество видни гости, претставници на државни органи, институции, дипломатскиот кор во Република Македонија, претставници на меѓународни институции, здруженија и партнери, гости, пријатели и поддржувачи на Стопанската комора на Македонија.

Стопанската комора на Македонија ќе додели и награди на успешни стопанственици и компании, членки на Комората. Свеченоста ќе се одржи на 18.02.2015 година (среда), со почеток во 12 часот, во хотелот Холидеј ин во Скопје.