Регионална размена на искуства за отвореност на владите за трошење на буџетските пари

23

Претставници од Македонија, Бугарија и Словенија денеска на конференција во Скопје разменуваат искуства за отвореност на податоците на владите за трошење на парите од буџетот, јавува Миа.

Според учесниците во Албанија, постои софтвер во којшто на дневна основа може да се видат плаќањата од буџетот што се прават. Во Бугарија има отворени податоци и во последната година е направен прогрес, иако има уште многу работи да се направат. Во Македонија, според претставниците од невладиниот сектор, законодавството дава основа за транспарентност, но треба подобра примена на законските регулативи и да се даде поголем отчет за трошењето на парите.

Емина Нурединовска, раководител од Македонскиот центар за меѓународна соработка, кој е организатор на конференцијата, истакна дека со конференцијата сакаат да свртат внимание на позитивните искуства од регионот и да укажат дека има потреба од поголема отвореност и достапност на податоците поврзани со трошењето на јавните средства.

Дритон Фино од Министерството за финансии на Албанија потенцира дека буџетската транспарентност е првиот чекор кон демократизација на буџетскиот процес и давањето можност граѓаните да учествуваат во процесот на формулација и алокација на ресурси.

Меѓу клучните предизвици за него се подигање на свеста на раководителите во владините тела за тоа колку е важна транспарентноста, подобрувањето на методите и алатките кои ќе помогнат за подобра информираност на граѓаните.

Лачезар Богданов од Бугарија потенцира дека предизвик било да направат Владата активно да ги објавува своите податоци наместо пасивно и да чекаат граѓаните да пишат писмо на кое ќе одговорат.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации на конференцијата говореше за новата веб платформа за отворени податоци која треба да ја зголеми информираноста за начинот на кој се трошат парите на граѓаните во Македонија.

“Целта е да им кажеме на граѓаните дека со нивните пари се финансира и здравството, полицијата, се градат индустриските зони и се доделуваат субвенции. Нудиме можност секој граѓанин да ја внесе својата нето плата и да види дневно го чинат функциите на централната власт пресметувајќи го персоналниот данок, придонесите и ддв водено според онаа стапка на просечната потрошувачка“, изјави Факиќ и додаде дека на плата од 22.000 денари дневно функциите на централната власт граѓанинот го чинат 421 денар.

Таа порачува дека граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари и оти на среден рок владите ќе бидат принудени да даваат повеќе информации бидејќи на тој начин може да се зборува за здраво и демократско општество.