Регионалниот пристап ќе го спаси туризмот

11

Сите држави од западен Балкан треба да настапат синхронизирано и да промовираат рурални дестинации, гастрономски, еколошки, авантуристички и други типови на алтернативен туризам. Закрепнување на туризмот во регионот во периодот којшто доаѓа треба да се базира на неколку столбови. Мерките за помош на туризмот од пандемијата со Ковид-19 не би требало да ги опфаќаат само ослободувањето на даноци и државна помош. Треба да се ослободи индивидуалниот интерес и заеднички да се гради регионален пристап, изјави Љупчо Јаневски, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) за викенд изданието на српскиот весник Политика, непосредно откако стапи на сила одлуката на владата на РС Македонија со којашто се овозможува непречен влез на странските државјани од Република Србија, Република Косово, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, без приложување медицинска потврда со негативен RT PCR SARS CoV-2 тест.

Образложувајќи ја подолу во интервјуто одлуката на владата, Јаневски ја потенцира потребата за остварувањето на неопходните потреби на граѓаните со доследно применување на сите мерки за лична заштита од Ковид-19, а која следи откако е утврдено дека регионот има речиси иста епидемиолошка состојба, а отворањето е важно и во поглед на раздвижување на економијата, но и за туризмот секако.

“Неизвесноста е присутна и ќе остане тука уште некој период, но тоа не значи целосна изолација, туку влечење на паметни потези кои се засноваат на анализи и предвидувања. Поради пандемијата, многу нешта во туризмот оваа година ќе се разликуваат од претходно, а втората фаза од отворањето на македонскиот туризам треба да биде кон регионот, односно соседните земји (Србија, Бугарија, Косово, Албанија, Хрватска ) и неколку дополнителни дестинации како Полска и Турција од кои во 2019 година сме генерирале 49% од вкупниот број странски туристи. Се очекуваат повеќе автобуски тури и индивидуални патувања на туристи од регионот кои ќе имаат изменети точки на интерес, а пресуден елемент за нивната одлука која дестинација ќе ја посетат ќе зависи од сигурноста на дестинацијата и можноста за справување со SARS cov 2 пандемијата којашто ќе биде присутна во поголемиот дел на 2021 година“, вели Јаневски во интервјуто и додава дека втората фаза значи отворање на границите со регионот, промовирање на македонските туристички капацитети и привлекување регионални туристи.

Третото, најважно според него, е реализација на полесно поврзување и заеднички протоколи на земјите од Балканот за движење на туристи во регионот и поврзаност заради интегрирани перформанси на други пазари. Од туристички аспект, регионот треба да функционира како една туристичка дестинација со конкретни понуди, бидејќи се поочигледно е дека треба да привлечеме повеќе гости од Европа, а во овие услови тоа можеме да го постигнеме само со заедничка работа. Четвртиот пакет мерки ќе вклучува ослободување од индивидуален интерес и градење на заеднички пристап, бидејќи само така можеме да излеземе како победници од оваа криза. За таа цел, на иницијатива на АППТ неодамна се одржа средба со туристичките организации на Србија и Црна Гора на која детално се презентираа резултатите од туристичката сезона за време на Ковид-19 и начините за надминување на бариерите за патување.

По деталните анализи на протоколите за движење помеѓу овие три земји и споредба со земјите во регионот, согласност се постигна за неопходноста од поврзување на регионот преку зелени коридори на патниците за подобро поврзување, како и дефинирање на услови и безбедносни протоколи и сертификати за движење и сместување иницијално помеѓу овие три земји, а потоа и целиот регион. Со ова АППТ ја почнува втората фаза предвидена во стратегиското планирање каде фокусот е на подобрување на соработката меѓу земјите во регионот преку зголемена промоција, усогласеност на безбедносните протоколи и овозможување на туристите полесно да патуваат. Ова е клучен момент за развој на туризмот, со што е и голем предизвик којшто треба да се совлада во најбрз временски период, што бара зголемување на динамиката на соработка и активна меѓусебна промоција која ќе овозможи зголемување на бројот на туристи од Србија и Црна Гора иницијално, а потоа и од целиот регион.

Фото: Pixabay