Регионот на Југоисточна Европа ќе има на располагање 11,7 милијарди евра за развој

19

Првиот состанок на управниот одбор на Стратегијата 2020 на Југоисточна Европа (ЈИЕ 2020) на Регионалниот совет за соработка (РСС) се одржа денеска во Букурешт.

Имајќи предвид дека слабиот раст и невработеноста се најголеми проблеми на регионот, советот за регионална соработка ја подготви стратегијата ЈИЕ 2020 со цел да им помогне на владите во нивните напори да се посветат на економијата, отворањето работни места и на квалитетното управување со економијата. Еден од инструментите којшто ќе биде на располагање за спроведување на ЈИЕ 2020 е фондот ИПА 2, односно инструментот на ЕУ за претпристапна помош, преку којшто во следните седум години ќе бидат обезбедени 11,7 милијари евра.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, ја нагласи изводливоста на самиот процес за којшто рече дека претставува “реална рамнотежа меѓу амбицијата и стварноста“.

Зборувајќи пред Европската комисија, Кјартан Бјорнсон, заменик шеф на одделот за регионални програми при генералниот директорат за проширување, ја опиша стратегијата ЈИЕ 2020 како “вистински пристап во вистинско време и на вистинско место“.

И Свилановиќ и Бјорнсон нагласија дека граѓаните на регионот “заслужуваат подобар живот“ и многу да се направи на патот до членство на Европската Унија. На тој пат реализацијата ќе биде клучна за успехот на самата стратегија.

Пред управниот одбор беше претставен почетниот извештај за ЈИЕ 2020, “Кон регионалниот раст“, а беа дадени и објаснувања во врска со показателите за нејзиното спроведување.

Сањин Арифагиќ, координатор на стратегијата ЈИЕ 2020 при РСС, при презентирањето на показателите кои ќе служат за следење на напредокот во спроведувањето, рече дека овој механизам ќе им овозможи на сите заинтересирани страни, како што се владите, но и граѓаните, да имаат “целосен и јасен увид во начините на кои стратегијата има влијание врз регионот“.

На состанокот на управниот одбор беше евидентиран и досегашниот напредок и беа дадени насоки за реализации на овие клучни активности на Советот за регионална соработка. ЈИЕ 2020 претставува заедничка стратегија за економскиот развој на седум земји од Југоисточна Европа, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија. Стратегијата ја иницираа и ја договорија владите на споменатите земји во текот на 2014 година со поддршка од советот за регионална соработка.

Со спроведувањето на 86 заеднички мерки земјите планираат да ги отстранат трговските бариери, заеднички да го промовираат регионот на странските инвеститори, да финансираат истражувачки програми, да развијат енергетска и транспортна инфраструктура, да овозможат мобилност на работниците на целата територија на Балканот, да ги подобрат владините услуги, како и амбиентот за бизнис. Растот којшто ќе се создаде како резултат на споменатите мерки би можел до 2020 година да отвори еден милион работни места и целиот регион да го приближи до пристапување во Европската Унија. На државно, како и на регионално ниво, се спроведуваат активности и се користат бројни инструменти со цел да им се помогне на владите во успешната реализација.

Со посебните цели на стратегијата ЈИЕ 2020 се настојува: да се зголеми регионалниот бруто домашен производ на паритет на куповната моќ по глава на жител од 38% на 46% од просекот на 27 земји членки на ЕУ; да се зголеми вкупната вредност на трговијата на регионот во стоки и услуги за над 130%; да се намали трговскиот дефицит на регионот од 14,1% на 11,6% од регионалниот БДП; да се зголеми БДП по вработена личност за 32%; да се зголеми бројот на високообразовани луѓе за 300.000 во рамки на работната сила на регионот; да се унапреди ефикасноста на владите мерена според индексот на управување на Светска банка од 2,33 до 2,9 до 2020; да се зголеми нето отворањето на нови претпријатија (годишен број нови претпријатија од 30.107 на 33.760); да се зголеми извозот на стоки и услуги по глава на жител од регионот од 1.780 на 4.250 евра; да се зголеми вкупната стапка на вработени како процент од популацијата постара од 15 години и тоа од 39,5% на 44,%; да се зголеми трговијата со стока внатре во регионот ЈИЕ за повеќе од 140%; да се зголеми вкупниот годишен прилив на директни странски инвестиции во регионот најмалку за 160%.