Регистрација на тракторите до први јули

28

Фармерите треба до први јули оваа година да ги регистрираат своите трактори. До октомври 2013 година биле поднесени 20.000 барања за регистрација на тракторите, а од нив најмногу се од Тетово, Струмица и Битола.
Според експертите, оваа голема бројка покажува дека повеќе од една третина од вкупниот број на трактори во државата без соодветна документација се вклучувале во сообраќајот.
“Со регистрацијата на тракторите, земјоделците добиваат право на сопственост и документи. Ќе можат да ги движат тракторите по сообраќајниците, а не како досега да ги оставаат по нивите. Воедно, ќе се води сметка и за нивната исправност, што ќе ги намали и незгодите кои на годишно ниво се случуваат околу 100, при што освен трактористите, страдаат и деца”, велат експертите.
Експертите додаваат дека со регистрацијата ќе се овозможи механизацијата да се продава и заложува.
“Со новата вредност, земјоделците ќе можат да се здружуваат во задруги и да формираат основен здружен капитал. Значајно е тоа што ќе ја засилат својата конкурентност за добивање на повеќе бодови за конкурирање на Програмата за рурален развој каде се бодира и поседувањето на земјоделска механизација”, објаснуваат експертите.
Според проценките на терен, Македонија располага со 53.606 трактори, од кои околу 30.000 се нерегистрирани, вклучувајќи ја и приклучната механизација, односно приколките.
Причината за оваа бројка на нерегистрирани трактори, според експертите, е што голем дел од нив се стари кои се користат од времето на Југославија, дел се добиени во наследство, а одредени се купени без купопродажен договор.
Од донесувањето на законските измени за регистрација на тракторите, до сега во Македонија регистрирани се 8.000 трактори.