Францускиот производител Renault има амбициозни планови околу електрификацијата кои вклучуваат и неколку исклучително важни корпоративни потфати
Renault се подготвува за некои значителни и важни потези со цел да ги обезбеди неопходните финансии за да си овозможи транзиција кон производството на електрични автомобили со цел да може да конкурира на најголемите ЕВ производители на пазарот во Европа.
Поради ова, француската марка би можела да ги следи стапките на некои други производители во реформирањето на дел од бизнисот кој ќе се фокусира исклучиво на електричнтие возила. Тоа би можело да стане сопствен извор на финансии ако, како што пренесува Reuters, понуди да продаде акции во бизнисот со иницијална јавна понуда.
Ако компанијата го направи тоа, многу е веројатно истото да се случи во втората половина на 2023 година, но Тјери Пјетон, финансискиот шеф на Renault, истакна дека за овие планови ќе биде потребна дозвола од партнерот од Алијансата, Nissan. Тој сепак истакна дека јапонскиот производител е во тек со финансиските планирања на француската марка.
Откако ќе се разделат дејностите на Renault на електрични возила и возила со мотори на внатрешно согорување, француската марка би можела да побара партнерство со некој друг производител, како што е Geely. Renault веќе има договор со кинескиот производител за заедничко производство во Јужна Кореја.
Продажбата ќе доведе до ребаланс во алијансата
Француската марка исто така очекува ребаланс на партнерството со Nissan, велат неименувани извори за Bloomberg. Renault би можел да собере милијарди евра за својата промена кон електричните возила со отсекување на дел од својот удел во Nissan.
Renault во свој посед има 1,83 милијарди акции на Nissan во вредност од над 7 милијарди евра. Од друга страна, јапонскиот производител, пак, би можел да ја искористи можноста да откупи назад дел од 43-те отсто од акциите кои ги има Renault. Спротивно на ова, Nissan поседува само 15 отсто удел во Renault, што значи дека нема право на глас во одборот на оваа компанија. Ако францускиот производител продаде доволно акции за да се спушти на истото ниво, може да собере 4,6 милијарди евра, пренесува Bloomberg.
Алијансата Renault-Nissan ги претстави плановите за заеднички инвестиции во електрификацијата на почетокот од оваа година, потенцијално комплицирајќи ги новите намери на француската компанија да го одвои својот ЕВ бизнис. Имајќи ги предвид сите компликациски фактори, за носење на официјална и конечна одлука ќе треба да поминат месеци.
Преземено од Avtoplus.mk