Решив да отворам сервис за одржување на гробови, а првата реакција беше “ефект на подигнати веѓи“

113
planinic1_dak_301012 %5b1600x1200%5d
Елизабета Планиниќ, сопственик на агенцијата Putuj bolje и фирмата Čuvar sjećanja, Македонка избрана за жена менаџер во Хрватска

Елизабета Планиниќ, Македонка по потекло која во Загреб живее повеќе од 15 години, минатиот месец беше избрана за најдобра жена менаџер во категоријата Микро жени претприемачи во Хрватска, настан што го организираа мрежата на деловни жени Women in Adria, Развојната агенција Загреб и Хрватската стопанска комора.

“Идејата ја споделив само со луѓе што знаев дека имаат добар смисол за бизнис и кои воедно ми се блиски. Тоа го нареков “ефект на подигнати веѓи“ бидејќи сите прво ги дигаа веѓите и потоа следна реченица беше: да, навистина тоа е потребно”, вели Планиниќ за првите реакции што ги добила кога дошла на идеја да отвори сервис за одржување на гробови.

БИ: Истовремено водите два бизниса – агенцијата Putuj bolje и фирмата Čuvar sjećanja. Како дојде до тоа да започнете не еден, туку два сосема различни бизниси?

Во туризмот сум активно од 2001 и бев дел од најголемите агенции што се присутни на хрватскиот пазар. Меѓутоа, 2011 беше година која приватно беше многу тешка за мене. Фирмата каде што работев одлучи да се повлечат од хрватскиот пазар и ме информираа дека ќе затворат во Загреб. Тоа се случи во јуни и со оглед на тоа дека во изминатите години немав баш често прилика преку лето да бидам во Македонија со родителите и со сестрите, помислив: во ред, прво ќе се одморам покрај моите најмили. Меѓутоа по некој ден слушнав дека за наша голема жал, мајка ни почина. Тоа беше голем шок не само за мене, туку за целата фамилија. Никој и ништо не може да нè подготви за тој момент, особено кога доаѓа неочекувано.

Го поминав летото покрај моите најмили, меѓутоа без нашата мајка. Како што одминуваа деновите, така знаев дека ќе мора да се вратам во Загреб и да продолжам со мојот живот. Сè уште не бев вработена, па полека се вклучив активно во барање на работа и одев на интервјуа. И покрај тоа што имав можност да се вработам во некои организации, едноставно нивната визија и дефиниција на работа и среќа не се совпаѓаше со мојата дефиниција. И покрај тоа што ми требаа примања и ангажман во прв ред, си ветив дека нема да прифатам било што.

Цело време ме следеше носталгичното чувство кон дома, кон моите најмили, сакав да појдам на гробот кај мајка ми, да запалам свеќа. И тоа прерасна во (само)терапија, си велев: па постојат и други луѓе во иста ситуација, па сигурно и тие се чувствувале така. И еден ден си помислив, како би било да отворам сервис за таквите луѓе, да бидам нивна продолжена рака и да ми ја препуштат честа на одржување на гробови во нивно име. Идејата ја споделив само со луѓе што знаев дека имаат добар смисол за бизнис и кои воедно ми се блиски. Тоа го нареков “ефект на подигнати веѓи“ бидејќи сите прво ги дигаа веѓите и потоа следна реченица беше: да, навистина тоа е потребно.

Веднаш почнав со истражување на пазарот и на обликување на идејата во конкретен производ. Не размислував дали е предвидено на пример законски да се регистрира фирма за тоа, бидејќи таква услуга не постоеше во тој момент. Со оглед дека отворав фирма, веднаш ја регистрирав за двете (главни) дејности и почнавме со изработка на wеб страници и останатото. Се сеќавам на моментот кога беше готова страницата www.cuvarsjecanja.com и кога помислив дека сум го завршила проектот, ми се развлече насмевка, а веднаш потоа помислив – дури сега почнувам. И така скоро четири години потоа ги водам двата бранда, едниот е моето срце и страст, а другиот мојата душа.

sl

БИ: Што е Čuvar sjećanja? Какви услуги нуди? Кој е концептот на работа?

Čuvar sjećanja е сервис за одржување на гробови. Ја покриваме цела Хрватска и е прв и единствен таков сервис. Самата идеја и после 4 години е и иновативна и прифатена. Со помош на моите соработници успеваме да ги покриеме и најмалите места и села и носиме задоволство и мир кај нашите клиенти, бидејќи знаат дека во нивно име, гробовите на нивните најмили се згрижени. После секоја испорачана услуга праќаме детален извештај и фотографии и на тој начин им докажуваме дека услугата е испорачана.

Сега, по четири години имаме респектабилен број на лојални клиенти. Концептот се заснова на тоа да привлечеме што повеќе клиенти за месечно одржување и успеваме во тоа на потешкиот начин. Зошто потешкиот? Затоа што тоа не е класична услуга што може да се маркетира по испробаната метода 1+1 ГРАТИС. Луѓето кои чувствуваат реална и емотивна потреба дека гробното место треба да биде уредено е нашата ниша.

БИ: Дали сте размислувале да го проширите бизнисот надвор од Хрватска? Можеби овде во Македонија?

Да, активно размислувам за ширење на концептот на Čuvar sjećanja практично од првата година на постоење, меѓутоа цело време се прашував на кој начин, дали преку франшиза, лиценца или за почеток да го проширам и во европските земји. Пред два месеца дознав дека постои Next Gen, саем на франшизи што оваа година се одржува во Сан Антонио, Тексас. Повикуваа да се пријават проекти од цел свет, а на најдобрите 20 им ги покриваат сите трошоци и им нудат можност да се презентира идејата пред потенцијали инвеститори, менторирање за поставување на бизнис моделот и една година менторство од најетаблираните луѓе во светот на франшизата. На почетокот на месецов дознав дека проектот Čuvar sjećanja е влезен во првите 20 и со голема радост објавувам дека ќе го обликуваме овој концепт во франшиза со помош на најголемите стручни имиња.

За ширење во Македонија не сум сигурна, мислам дека во моментов пазарот не е подготвен за овој вид на услуга, можеби поголемите градови. Но, како што кажав, доколку некој смета дека може да го имплементира преку франшиза, наскоро ќе биде можно.

Profilna

БИ: Туристичката агенција нуди услуги за луѓето од деловниот свет. Пазарот е мал, конкуренцијата голема. Како се снаоѓате?

Се сложувам, пазарот е мал. Но, како што кажав, веќе некое време сум во туризмот и соработував со сериозни фирми, а како што обично бива, клиентите се врзуваат за човекот и за неговата енергија. Сите напори што во изминатите години ги имав вложено во тие односи се исплатеа, бидејќи повеќето веднаш почнаа да соработуваат со мене. Јас како единка, во споредба со другите агенции, поради тоа што имам помали трошоци, во старт понудив конкурентни цени, достапност и ефикасност. Очигледно тоа беше успешната формула клиентите да останат задоволни. Нормално, бројот на клиенти се зголемува, бидејќи по пат на препорака се слуша за нашите услуги.

Конкуренцијата е нешто што не ме инспирира и мотивира. Јас ги гледам моите клиенти и тие ми се вистинската инспирација. Интересен податок е дека во 4 години сум немала ниту една рекламација, што покажува колку труд и енергија вложувам во тоа што го работам.

БИ: Можете ли да направите паралела помеѓу бизнис културата во Македонија и Хрватска?

Во Хрватска сум веќе 18 години и за жал немав можност да бидам дел од бизнис културата во Македонија. Но, можам да споредам од позиција на купец и тука постои голема разлика. За почеток, потрошувачите во Македонија не се свесни за своите потрошувачки права, иако забележувам дека постои тренд на зголемување на свеста, што ми е многу мило.

Во Хрватска веќе долги години постојат интернационални фирми кои донесоа корпоративна култура што се пренесува на секој вработен, а денес тие вработени се претприемачи и ја пренесуваат културата во своето работење. Доста се вложува во едукации, конференции и за разлика од Македонија, услугите можат да се наплатат.

Меѓутоа ги следам активностите на ЦЕЕД и гледам дека вашата улога во подигнување на свеста за корпоративна култура е голема и тоа многу ме радува.

БИ: Што можете да им порачате на идните жени претприемачи, какви лекции научивте од досегашното искуство?

Поради биолошката предиспозиција, ние жените сме и мајки и сопруги и претприемачи и тоа не е лесно да се избалансира, меѓутоа не е невозможно со добра организација.

Јас сум горда мајка на два сина и сопруга. Без нивното разбирање и поддршка тешко дека ќе можев безгрижно да се посветам на работата, на која ѝ посветувам големо внимание. Пристапот е таков што често сум на состаноци, запознавам многу луѓе, со радост одам на кафе со нив, бидејќи сакаат да видат кому повериле една таква емотивна работа, како уредување на гробно место или организација на патување.

Како жена и мајка, знам дека чувствував грижа на совест дека, на пример, нема да избришам прашина секој ден, меѓутоа од децата научив дека тие го паметат само она што го виделе и доживеале, а најмногу низ пример. После тој АХА ефект, сфатив дека доколку активно ги вклучам на начин да им делегирам некои обврски, како резултат имаме задоволство на многу нивоа. Сакам да кажам, децата не паметат дали била избришана прашината секој ден, туку на кој начин сте им се обратиле, дали сте насмеани или тажни, дали сте исполнети. Кога имаат таков пример, тогаш сфаќаат дека среќата доаѓа одвнатре и со самото тоа ги учите да бидат исполнети без некој друг да им го каже тоа. А зарем не е тоа смисолот на мајчинството, да ги научиме децата да бидат среќни?

Секоја жена која има сон да стане претприемач треба да го знае ова, да го следи својот сон и да знае дека секој проблем има решение. Стравот е константа, присутен и ден денес кај мене, но единствената разлика е што делувам без оглед на стравот.