Ревитализација на големите хидроелектрани за долгорочна стабилност на енергетскиот систем  

44

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод 65 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната Вруток.

– Тука сме за да соопштиме дека во севкупните напори за долгорочно безбеден и стабилен енергетски систем, започнува ревитализацијата на големите хидроелектрани во Република Северна Македонија во сопственост на АД ЕСМ. Со овој голем проект ќе бидат опфатени хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и хидроелектраната Света Петка. Инсталираната моќност на овие хидро изнесува околу 85% од вкупната инсталирана моќност во хидроелектраните во Република Северна Македонија. Тие учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават часови, односно обезбедуваат 20% од вкупното производство на електрична енергија во Република Северна Македонија, рече Ковачевски.

Според премиерот, хидроенергијата, како еден од обновливите извори на енергија меѓу другите, е потребна за да се обезбеди доволно снабдување со електрична енергија за да се исполни растот на искористување на сопствените ресурси на земјата.

-Освен обновата на машинскиот дел на овие капацитети, дополнителна придобивката од проектот е предвиденото зголемувањето на капацитетот на акумулацијата на Маврово што ќе обезбеди пораст на годишното производство на електрична енергија од околу 40 гигават часови. Таквото зголемено производство на енергија од водата значи заштеда од 36,4 илјади тони CO2. Затоа го стартуваме проектот за ревитализацијата на големите хидроелектрани, појасни премиерот.

Вкупното време за имплементација на проектот се очекува да е од 2022 до 2026 година.