Rimac забрзува со C_Two, испораките почнуваат во 2021 година

38

Хрватскиот производител на електрични суперавтомобили, Rimac ја претстави новата производствена линија за изработка на моделот C_Two.

Електричниот суперспортски автомобил Rimac C_Two влезе во фаза на производство во неодамна отворениот погон во Велико Трговиште во Хрватска. Rimac ја претстави новата производствена линија, која како што велат, ќе го забрза производството на C_Two прототип моделите потребни за конечна валидација и тестовите за хомологација ширум светот.

За составување на секој C_Two автомобил на тимот ќе му бидат потребни околу пет недели, што значи дека времето за производство ќе биде преполовено. Во полн капацитет, тимот во Велико Трговиште ќе може да произведува четири C_Two автомобили месечно, велат од хрватската компанија.

Постапката за производство во Rimac започнува значително порано пред самото склопување на готовите компоненти на линијата, со оглед на тоа дека голем број компоненти и системи се произведуваат во фабриката во Света Недела и Велико Трговиште, по што се испорачуваат до линијата за монтажа на возилата.

“Досега Rimac произведе четири C_Two прототип модели, а до завршувањето на процесот на тестирање и хомологација потребни се уште 13, по што ќе следуваат уште десет автомобили од предпродукциската фаза, кои во поголемиот дел ќе се произведат во текот на оваа година. Целосната постапка на хомологација, без никакви кратења, од првите концепти, преку прототиповите до автомобилите за користење е процес долг три години“, велат од Rimac.

Со воведувањето на новата производствена линија, Rimac Automobili првите автомобили до купувачите ќе ги испорача во 2021 година, за разлика од оригиналниот план пред пандемијата на коронавирусот кој предвидуваше испораките да започнат оваа година. Конечниот дизајн и комерцијалното име на автомобилот требаше да бидат претставени на годинешното издание на Салонот во Женева, но настанот беше откажан, а Rimac ја одложи презентацијата за подоцна во текот на оваа година

“Додека некои автомобили ќе одат директно од продукциската линија до објектите за тестирање на удари, други ќе бидат користени за секакви тестови за ратификување пред да се удираат во ѕидот“, изјави Мате Римац, основачот и извршен директор на компанијата.

“Само мал дел од прототиповите нема да бидат искршени за време на оваа програма. Бидејќи ние го зголемуваме производството на прототип модели, оваа линија е апсолутно неопходна инвестиција за насочување на процесот и ќе ни помогне да ги испорачаме автомобилите до купувачите од следната година“, додаде тој.

Оригиналниот концепт за Rimac C_Two електричниот хиперавтомобил беше претставен во 2018 година. Концептот се напојуваше со четири електромотори со комбинирана моќност од 1.888 КС и 2.300 Nm вртежен момент и батерии со капацитет од 120 kWh. Спринтот од нула до “стотка“ се достигнува за 1,9 секунди, а максималната брзина е 412 километри на час.

Преземено од Avtoplus.mk