Роботи почнаа да испорачуваат пратки во Москва (ВИДЕО)

24

Поштата на Русија наскоро ќе започне со испорака на пратки од 27 филијали во Москва со помош на беспилотни роботи-доставувачи Јандекс, пренесува рускиот портал РБК, повикувајќи се на компанијата.

Првично, роботски возила, наречени Јандекс Ровер, ќе испорачуваат пакети од четири филијали во регионот Хамовники. Потоа, во рок од еден месец во проектот ќе се приклучат уште 23 филијали кои се наоѓаат на метро станиците Белоруска, Сокол, Аеродром, Цветни булевар, како и во московската област Раменки и други региони.

„Автоматизирањето на испораката на пратката на Пошта на Русија, еден од најголемите светски поштенски оператори, е логичен чекор во развојот на испораката со помош на роботи и се надеваме дека дополнително ќе ја прошириме технологијата“, рече Артјом Фокин, директор за развој на беспилотна технологија во „Јандекс“.

Пошта на Русија не го прецизираше точниот датум на почетокот на проектот.

Како што се наведува, клиентите ќе можат да нарачаат достава со помош на роботи преку Андроид апликацијата на компанијата. Во првата фаза во испораката ќе бидат вклучени 36 роботи, а цената на услугата ќе биде една рубља (0,01 евро).

Компанијата додава дека корисниците ќе можат да го следат статусот на испорака и да го лоцираат роботот на мапа во апликацијата. Кога роверот ќе го достави пакетот до влезот во куќата, ќе биде испратено известување до телефонот на клиентот и ќе биде испратена шифра за потврда која мора да се внесе во апликацијата за роботот да овозможи подигање на нарачката.

Во ноември 2019 година, компанијата Јандекс започна со тестирање на робот за транспорт на мали стоки – Јандекс Ровер со шест тркала. Роботот може да се движи со брзина до пет километри на час, како и да работи во зима и лето во различни временски услови.

Во декември минатата година Јандекс почна да тестира беспилотна испорака од кафулиња и ресторани. Роботите почнаа да се доставуваат до станбените згради во Москва во февруари 2021 година, а во август во кампусот на Универзитетот во Охајо во Америка.