Романска Dacia најпрофитабилна компанија во Југоисточна Европа

64

Dacia_Logo_new

Производителот на автомобили, Dacia од Романија, го зазеде првото место на листата 100 најпрофитабилни компании во Југоисточна Евроа на независниот медиум за деловни информации – See News.

Романскиот производител на автомобили, којшто е филијала на француски Renault, ја зазеде првата позиција благодарение на вкупните приходи од 4.290.000.000 евра остварени во текот на минатата година.

Вицешампионското место, втора година по ред, припадна на романската филијала на нафтената компанија OMV Petrol од Австрија со вкупни приходи во висина од 3.554.000.000 евра. На третата позиција се најде OMV Petrom Marketing SRL, исто така, подружница во Романија, со остварени 3.322.000.000 вкупни приходи во текот на минатата година.

Само една компанија од Македонија, Johnson Matthey, се најде меѓу 100-те топ компании од регионот, позиционирајќи се на 24-то место со вкупни приходи од 1,2 милијарди евра.

На трите последни места на листа се најдоа: српската нафтена компанија YugoRozGaz со остварени 448.300.000 евра вкупни приходи; бугарската енергетска компанија AETs Kozloduy и романската телекомуникациска компанија Telekom Romania Mobile Communications SA со вкупни приходи во висина од 440.100.000 евра.

Вкупните приходи на 100-те најголеми компании во Југоисточна Европа се зголемија на 102,5 милијарди евра, што е за околу 2% повеќе во однос на приходите во 2014 година.

See News ги анализираше податоците на компании од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија.

Освен компании, See News направи и листа на топ 100 банки од регионот. Од нив, водечка е Загрепска Банка со вкупна актива вредна 13.882.000.000 евра. Потоа следи романската банка Banca Comerciala Romana SA со актива во вредност од 13.142.000.000 евра. Трета банка е BRD – Groupe Societe Generale SA од Романија. Од македонските банки, Комерцијална банка е 46-та на листата, додека Стопанска банка е 52-ра. НЛБ Банка се рангираше на 58-мо место, а Охридска банка е 98-ма на оваа листа.