Забраната за увоз на некои земјоделско – прехранбени производи од ЕУ што ја воведе Русија на една година се голема шанса за Србија. Најмногу се смета на извоз на овошје, зеленчук, млечни преработки и месо. Но, некои српски експерти стравуваат дека поради зголемениот извоз во Русија, млекото и млечните производи во следните неколку месеци би можеле да поскапат за 10% до 15%, а овошјето меѓу 20% до 30%, јавува РТС.
Според Министерството за трговија, и да дојде до поскапување на земјоделско – прехранбените производи, тоа ќе биде краткотрајно. Министерот за трговија Расим Љајиќ смета дека дури може да дојде и до поевтинување на овие производи, затоа што ЕУ ќе бара нови алтернативни пазари, па поради презаситеноста на пазарот, српските трговци ќе можат да купуваат поевтини производи од Унијата и да ги увезуваат за домашни потреби.
Минатата година Русија увезла храна во вредност од 40 милијарди долари, од кои преку една четвртина биле од ЕУ.