Рударскиот гигант Гленкор ќе плати повеќе од милијарда долари казни заради подмитување

84

Рударскиот гигант „Гленкор“ ќе плати повеќе од милијарда долари казни за поткуп, откако претседателот на компанијата призна дека во компанијата своевремено биле спроведени „неприфатливи практики“.

Англо-швајцарската компанија соопшти дека постигнала договори со властите на САД, Велика Британија и на Бразил што ги истражуваат наводите за поткуп и манипулации на пазарот.

Најавата за казните што треба да се платат дојде по вчерашната најава од „Гленкор Енерџи Ју-Кеј“ пред Лондонскиот суд дека ќе прифати вина по обвиненијата за поткуп поднесени од националната Канцеларија за сериозни измами.

Синоќа од „Гленкор“ се огласија со ажурирана изјава дека компанијата ќе плати 700 милиони долари казни за решавање на истрагите поднесени против неа заради поткуп, како и 485 милиони долари за решавање на истрагите за пазарни манипулации, покренати од американското Министерство за правда и ресорното тело надлежно за трговија со стоки.

Компанијата соопшти дека до 165 милиони долари ќе бидат издвоени и за други прашања, вклучително и во Велика Британија, така што се очекува нето-износот што ќе се плати на американските власти да се зголеми на 1,02 милијарди долари.

Фирмата исто така објави дека се согласила да плати 39 милиони долари по одлуката на бразилското федерално обвинителство во врска со истрагата за поткуп. Рударската компанија чии акции се нудат на Лондонската берза, претходно веќе издвоила 1,5 милијарди долари за покривање на истрагите со кои се соочува во САД, Велика Британија и Бразил.

„Гленкор“ денес не е таква компанијата каква што беше кога се случија неприфатливите практики предизвикани од недолично однесување“, рече претседателот на „Гленкор“, Калидас Мадхавпеди.

„Сакаме денешниот „Гленкор“ да биде работодавач по избор, да ги привлекува и задржува најдобрите таленти и да се натпреварува во сите области, не само од аспект на уникатната вредност што може да ја понуди, туку и во неговата посветеност на етичко и одговорно однесување во сите области“, заклучи тој.