За Рудници Бањани минатата 2018 година заврши со вкупна сеопфатна добивка во висина од 3.517.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.
Една година претходно, добивката на компанијата беше на ниво од 3.501.000 денари.
“Во 2018 година, приходите од продажба остварени од основната дејност се намалени за 300.000 денари во апсолутен износ во однос на 2017 година, додека пак вкупната продадена количина на варовник е поголема за 15.000 тони во однос на 2017 година. во структурата на продадените готови производи преовладуваат оние со пониска продажна цена, за разлика од минатата година кога имавме поголема продажба на микрофракции“, стои во Образложението за финансискиот резултат.
Вкупните приходи од продажба, заклучно со 31-ви декември 2018 година, имаа вредност од 71.758.000 денари. Поголемиот дел од нив или 71.554.000 денари се остварени на домашен, а остатокот од 204.000 денари е реализиран на пазари во странство.