Рудникот Саса доби А интегрирана еколошка дозвола

16

Рудникот за олово и цинк Саса од Македонска Каменица денеска доби А интегрирана еколошка дозвола. Дозволата ја врачи министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, кој посочи дека Саса е прва компанија од рударската индустрија која добива ваква дозвола во Македонија.
За исполнување на условите за добивање на А- интегрирана дозвола, раководството на рудникот Саса инвестираше околу милион и двесте илјади евра. За оваа инсталација карактеристични се високите стандарди кои ги има поставено во однос на заштитата на животната средина. Компанијата поседува сертификат за Систем за управување со животната средина согласно ИСО 14001 стандардите, рече Адеми, додавајќи дека до крајот на март во кругот на инсталацијата ќе бидат укинати уште две постоечки мерни места поставени на парните котли, што е резултат на нивна замена и исфрлањето на употреба на нафтата како гориво.
“”Посебно треба да се истакне почитувањето на високи и строги критериуми за одлагање на хидројаловината од процесот на производство, кои подразбираат почитување на најстроги гранични вредности на квалитет на излезната вода, како и практикување на процесот за нејзина реупотреба-рециклирање што доведува до намалување на потрошувачката на водата”, нагласи Адеми.
Добивањето на А интегрирана дозвола, за рудниот Саса, како што истакна генералниот директот Александар Раков, е од огромно значење и е потврда на заложбите што ги прави компанијата за заштита на животната средина.
“Наша заедничка цел и определба е придонес кон почиста животна средина, а сите ние заедно сме поврзани преку Каменичка Река и река Брегалница. Преку заеднички заложби и инвестиции ќе продолжиме да работиме на поздрава околина, но и услови за грижа и заштита на животната средина за идните генерации”, истакна Раков.
На доделувањето на дозволата присуствуваа и заменик минситерот за животна средина Стево Темелковски и градоначалниците од Источниот плански регион.
Градоначалникот на Македонска Каменица Дарко Митревски побара од надлежните во рудникот и од ресорното министерство континуирано да вршат мониторинг на веќе сработеното, со цел, како што рече, долгорочно да биде постигнат ефектот.
“Се она што е имплементирано доколку не е во функција на иднината, тогаш не е постигнат вистинскиот ефект”, нагласи Митревски.
Постапката за добивање на дозволата рудникот Саса ја почнал во 2008 година. Од оперативниот план реализирани се 19 точки од вкупно 20, која треба да се финализира со изградбата на пречистителна станица за фекални води, која е во изградба.