Руси, Индијци или Арапи ќе ја преземат балканската Hypo bank?

26

Австриската Hypo bank не очекува нејзината мрежа на Балканот да ја купи друга австриска банка, туку тоа да го направат меѓународни инвеститори.

Во банкарската заедница во Австрија се исклучува можноста целата мрежа на банката на Балканот да ја купи друга австриска банка, како што се шпекулирање дека тоа би можела да го стори Erste bank, пишува seebiz.eu.

Експертите сметаат дека за австриските банки ризикот во овој дел од Европа е преголем, но мрежата банки би можела да биде интересна за некој кој допрва влегува на овој пазар. Банкарите очекуваат заинтересирани купувачи од Русија или Индија, а особено од арапскиот свет, односно Турција, пред се за банките во Босна и Херцеговина.

Доколку не може да се продаде балканската мрежа во целина, Hypo е подготвена да ги продава банките одделно. Во тој случај, за банките во Хрватска е заинтересирана Raiffeisen, а Erste за банките во Србија, единствените земји во кои што Hypo има позитивен биланс. Ситуацијата во Словенија и Црна Гора е поинаква и таму се бележат загуби.

Вредноста на банкарската мрежа се проценува на 1,5 милијарди евра, но веројатно е дека ќе се продаде под таа цена. Мрежата во Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора има 1,1 милиони клиенти, 250 подружници и 11 милијарди евра биланс.