
Рускиот претседател Владимир Путин ја повика владата да го забрза финансирањето на истражувањата во областа на вештачката интелигенција. Истражувањето би вклучувало „оптимизирање алгоритми“, како и развој на „големи јазични модели“ како што е ChatGPT. Повикот на Путин доаѓа откако чет-ботот ChatGPT, направен од американската компанија OpenAI, покажа способност да учествува во разговори со луѓе кон крајот на минатата година, што ја поттикна Русија да развиваат сопствена технологија, пренесува француската новинска агенција АФП.
Меѓу другото, рускиот претседател повика на финансиска поддршка за создавање на суперкомпјутери, при што приоритет ќе имаат руските производители. Според Путин, државните компании треба да прифатат и вештачка интелигенција во своето работење што е можно поскоро.
Како што оценува и Путин, Русија треба да постигне технолошки суверенитет во светлината на западните санкции поради војната во Украина, кои ја спречуваат Москва да пристапи до полупроводници.
Во април, како што јави АФП, најголемата руска банка Сбербанк најави лансирање на сопствена апликација за разговор, базирана на вештачка интелигенција, наречена Gigachat. Апликацијата сè уште е во фаза на тестирање.