Русија инкасираше шест милијарди евра приходи од нафта и гас од почетокот на војната

Русија е земјата која се чини дека е најголемиот победник од војната на Блискиот Исток досега, со оглед на тоа што огромниот скок на цените на нафтата донесе нови приходи за официјална Москва, на кои веројатно не сметаа до пред неколку недели. Исто така, САД привремено дозволија купување руска нафта.

Извештајот на „Ургевалд“, организација за заштита на животната средина и човекови права, покажува дека Русија собрала шест милијарди евра приходи од фосилни горива откако започна војната пред помалку од две недели.

Русија заработува 510 милиони евра дневно од фосилни горива по намалувањето на испораките од Блискиот Исток, што е зголемување од 14 проценти во однос на февруарските нивоа, се вели во анализата.

Минатата недела, САД привремено ја овластија Индија да купува нафта од Москва и навестија дека може да размисли за укинување на дополнителни санкции за руската нафта.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп издаде нова дозвола во четвртокот со која привремено им се дозволува на земјите да купуваат одредени руски нафтени производи. Одлуката дојде истиот ден кога цената на нафтата од типот Брент надмина 100 долари за барел за прв пат од август 2022 година, бидејќи војната со Иран продолжува дополнително да ги потресува енергетските пазари.

„Тоа е реалноста на геополитиката на фосилните горива. Кога пазарите паничат, авторитарните извозници профитираат. За помалку од две недели, Русија заработи околу шест милијарди евра од извоз на фосилни горива, пари што на крајот ја хранат воената машина на Кремљ“, рече Александар Кирк од „Ургевалд“.