Русија ќе гради целосно нов финансиски систем со земјите од БРИКС – од кредитни картички до рејтинг агенции

99

Русија ги повикува земјите од БРИКС да интегрираат платежни системи и картички. Министерот за финансии Антон Силуанов вели дека санкциите воведени по инвазијата на Украина ги уништуваат темелите на постоечкиот систем заснован на американски долари.

Руската влада ја повика групата на земји во развој БРИКС, која се состои од Бразил, Кина, Индија, Русија и Јужна Африка, да ја прошири употребата на националните валути за увозно-извозни операции и да ги интегрира платните системи.

По инвазијата на Украина на 24 февруари, Русија беше погодена од западни санкции кои ја исклучија од глобалниот финансиски систем и речиси половина од нејзините златни и девизни резерви, кои на почетокот на април изнесуваа 606,5 милијарди долари.

Во меѓувреме, меѓународните платежни картички Visa и MasterCard ги прекинаа операциите во Русија на почетокот на март, а најголемите руски банки исто така го загубија пристапот доглобалниот банкарски систем за размена на пораки – SWIFT.

Рускиот министер за финансии Антон Силуанов претходно на министерскиот состанок со БРИКС изјави дека глобалната економска ситуација е значително влошена поради санкциите.

Санкциите ги уништуваат и темелите на постоечкиот меѓународен монетарен и финансиски систем заснован на американскиот долар, рече Силуанов.

„Ова не турка да ја забрзаме работата во следниве области: употреба на национални валути за извозно-увозни операции, интеграција на платежни системи и картички, наш сопствен систем за финансиски пораки и создавање независна агенција за рејтинг“, рече Силуанов.

Русија воспостави сопствен систем за банкарски пораки, познат како SPFS, како алтернатива на SWIFT. Сопствениот систем за картично плаќање МИР започна со работа во 2015 година.

Тие беа дел од напорите на Москва да развие домашни финансиски алатки кои ќе ги дуплираат западните, со цел да се заштити земјата во случај на проширување на санкциите против Москва.

Министерството за финансии рече дека министрите на БРИКС ја потврдија важноста на соработката во напорите за стабилизирање на сегашната економска ситуација.

Руската централна банка ја намали основната каматна стапка на 17 отсто во петокот од 20 отсто, што е изненадувачки потег пред редовниот состанок на одборот закажан за 29 април, и рече дека е отворена можноста за дополнителни намалувања на претстојните состаноци.

Потегот на централната банка дојде откако Силуанов претходно изјави дека неговото министерство работи со централната банка на мерки за да го направи курсот на рубљата попредвидлив и помалку волатилен.