Русија заплени швајцарски часовници вредни милиони евра

127

Руските безбедносни служби заплениле швајцарски часовници во Москва во вредност од милиони долари како одмазда против санкциите воведени од Швајцарија и забраната за извоз на луксузни стоки во Русија, објави Блумбрг.

Часовниците Audemars Piguet се по цена од речиси 830.000 евра и се запленети од московската канцеларија.

Блумберг го цитира швајцарскиот весник NZZ am Sonntag, кој се повикува на анонимни извори од швајцарското сојузно министерство за надворешни работи.

Швајцарија ја напушти својата традиционална неутрална позиција и ги следеше повеќето западни влади во воведувањето санкции со кои се забранува извоз на луксузни стоки во Русија претходно овој месец како одговор на инвазијата на Украина.

Руските власти ги наведоа царинските прекршувања како причина за запленувањето на часовниците, но швајцарското Министерство за надворешни работи смета дека тоа е повеќе произволна репресивна мерка како одговор на санкциите.

Швајцарскиот производител на часовници Audemars Piguet објави дека ќе го прекине извозот во Русија и ќе затвори два бутици во Москва.

За многу водечки европски компании, излегувањето од Русија е предизвик. На пример, швајцарскиот прехранбен гигант Nestlé има илјадници вработени и клучни производствени капацитети во земјата кои можат да бидат конфискувани од локалните власти.

Audemars Piguet е еден од трите најголеми швајцарски брендови на часовници, заедно со Patek Philippe и Rolex. Тоа е семејна компанија со речиси 150 години историја.

Русија беше 17-ти најголем извозен пазар за швајцарски часовници во 2021 година, со испораки во вредност од 260 милиони швајцарски франци (250 милиони евра), според Швајцарската федерација за индустрија на часовници.