Русите претставија електричен мотоцикл за да ги придружува државните функционери ВИДЕО

129

Пилот серијата на мотоцикли Aurus Merlon е завршена и сега поминува низ целосен циклус на тестирање, беше објавено на штандот на Централниот научно-истражувачки институт за автомобилска и авто-моторна индустрија (NAMI), на меѓународната индустриска изложба „Innoprom“ која беше отворена во Екатеринбург.

Мотоциклот за придружба, се вели, дека веќе има „готов надворешен дизајн“. Дополнително, дефинирани се неговите клучни параметри во однос на технологијата, деловите и ергономијата, па Aurus на две тркала би можел да се појави на патиштата оваа или следната година, пишува Russia Beyond.

Потврдено е дека електричниот мотор на мотоциклот има моќност од 140 kW или 190 КС.

Aurus Merlon од место до 100 км/ч забрзува за 3,7 секунди, а максималната брзина му е околу 200 км/ч. Може да помине 200 километри без полнење на батеријата.

Конструкторите најавуваат дека мотоциклот ќе функционира и на температури под нулата, па дури и до -25 степени Целзиусови.

Главната задача на новиот мотоцикл ќе биде да ги придружува автомобилите на високи функционери, но линијата ќе има и различни верзии на мотоцикли за други задачи, меѓу другото и за потребите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за вонредни ситуации, а планот е и за цивилна верзија која ќе биде пуштена во слободна продажба.

Минатата година, за Merlon беше патентиран бочен автомобил со аеродинамичен капак и хоризонтално светло кое ја покрива речиси целата ширина на мотоциклот.

Прототипот Merlon го направи концернот „Калашников“, земајќи ги предвид барањата на специјалистите на Гаражата за специјални намени на Федералната служба за безбедност (ФСО) на Русија.

Претходно медиумите најавија дека сериското производство би можело да започне во 2022 или 2023 година, но сè уште нема подетални информации за ова прашање.