Русите заинтересирани за Телеком Словенија и банките

49

telekom slovenijeРуските инвеститори се интересираат за програмата за приватизација во Словенија, а особен интерес покажуваат за Телеком Словенија, банките и Аеродром Љубљана, пренесуваат словенечките медиуми.

По средбата на словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец и рускиот министер за врски и масовни комуникации Николај Никифоров во Љубљана, тие најавија јакнење на економската соработка меѓу двете земји и изразија интерес руски компании да учествуваат во приватизацијата на словенечки претпријатија во мнозинска сопственост на државата.

Русија за Словенија е важен економски стратешки партнер, изјави министерот Ерјавец. Според него, од почетокот на оваа година стоковата размена меѓу двете земји е зголемена за повеќе од 20%, а за повеќе од една третина е зголемен приходот во словенечкиот туризам во однос на минатата година, благодарение на руските гости.