Руската инвазија на Украина ја забрза изградбата на Балтичкиот гасовод

134

Изградбата на данскиот дел од Балтичкиот гасовод, кој ќе ја поврзува Полска со норвешките гасни полиња, продолжува откако руската инвазија на Украина ја зголеми загриженоста за снабдувањето и ги стави заштитените глувци и лилјаци во втор план, прекинувајќи ја изградбата на девет месеци.

Данскиот мрежен оператор Energinet.Energinet објави дека добил нова еколошка дозвола и сè уште очекува гасоводот да биде делумно оперативен од 1 октомври оваа година и да работи со полн капацитет до 10 милијарди кубни метри од 1 јануари 2023 година. Прекинот на работите веќе го одложи почетокот на изградбата за три месеци.

Изградбата на гасоводот беше стопирана откако данскиот Апелационен одбор му ја укина еколошката дозвола поради загриженост за влијанието на гасоводот врз заштитените видови глувци и лилјаци. Но, руската инвазија на Украина ја зголеми загриженоста дека испораката на руски гас во Европа може да биде прекината, нагласувајќи ја потребата од диверзификација на испораките.

Руски „Газпром“ испорачува половина од полските 20 милијарди кубни метри гас, но долгорочниот договор истекува кон крајот на оваа година и Варшава не планира да го обнови.

Полска има намера да ги замени овие залихи со пратки преку Балтичкиот гасовод.

Дополнително, на 1-ви мај се очекува да биде отворен гасоводот што ја поврзува Полска со терминалот за течен природен гас (LNG) во Литванија, наречен GIPL.

GIPL ќе и овозможи на Полска да го зголеми увозот на LNG и да испорачува гас во балтичките земји.

Гасоводот, со проектиран капацитет од 2,4 милијарди кубни метри гас годишно во двете насоки, беше финансиран од Европската унија за да им помогне на Полска и на балтичките земји да ја зголемат безбедноста во снабдувањето.