
Руската нафтена компанија Лукоил објави дека, поради воведувањето рестриктивни мерки од страна на некои земји против компанијата и нејзините подружници, има намера да ги продаде своите средства во странство.
Во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата, се додава дека разгледувањето на понудите од потенцијалните купувачи веќе започнало.
Компанијата наведува дека продажбата на средства се спроведува според лиценца за ликвидација издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.
Лукоил планира да поднесе барање за продолжување на лиценцата, доколку е потребно, со цел да се обезбеди континуирано работење на своите средства во странство.
На 22 октомври, САД воведоа санкции врз повеќе од 30 подружници на руските енергетски компании Роснефт и Лукоил.
САД им дадоа рок на компаниите до 21 ноември да ги прекинат своите трансакции со руските производители на нафта.











