Руски купувачи предизвикаа нов потрес на пазарот на недвижности во Србија

120

Кусо време по почетокот на војната во Украина, руските граѓани масовно почнаа да доаѓаат во Белград. Нивната многу подобра платежна моќ од просечниот граѓанин на Србија предизвика „земјотрес“ на пазарот на недвижности: скокнаа цените на киријата, но и за квадрат за купување стан. Нов проблем може да се појави по последната одлука на Владимир Путин за делумна мобилизација на населението, пишува порталот Нова.рс.

Иако експертите за недвижности со кои разговарале велат дека сè уште е рано да се даваат проценки, неофицијално се информирани за голем број руски државјани кои од средата доаѓаат во Србија, а сопствениците на приватни имоти веќе забележуваат разлика.

Еден од менаџерите задолжени за издавање на синџир приватни станови за порталот вели дека становите се издаваат на периоди подолги од шест месеци што, според него, значи дека не сакаат толку брзо да се вратат таму.

Во зависност од големината на овие станови, ценовниот опсег е од 25 евра за најмал до 120 евра за оној со најголема квадратура.

„Генерално се одлучуваат за оние каде што ноќта во просек чини 60 евра, но секогаш постои опција резервацијата да ви даде мал попуст“, вели соговорникот на Нова.

Милош Митиќ пред агенцијата „Сити експерт“ вели дека напливот на руски граѓани не престанува од март.

„Русите го сочинуваат најголемиот дел од побарувачката за станови, не само во Белград, туку и во Нови Сад. Она што е важно да се подвлече е дека тие навистина влијаеле на поскапите закупи и квадратурата бидејќи им се брза и имаат повеќе пари од нашите клиенти“, вели Митиќ.

Додава и дека интересот е толку голем што овој последен пик не се ни почувствувал по најавената мобилизација.

Нова.рс прави споредба на цените за изнајмување станови пред и по првото „големо доаѓање“ на Русите. Така, според оваа компаративна анализа, оние станови што претходно се изнајмувале за 300-400 евра, сега достигнуваат цена од 450-500 евра, додека оние што чинеле 700-800 евра месечно, сега чинат 1 000 евра.