САД го обвинија Coinbase за инсајдерска измама со криптовалути

69

Поранешен менаџер на производи во најголемата берза за криптовалути во САД – Coinbase Globa, заедно со уште двајца вработени во компанијата, се обвинети за измама поврзана со криптовалути. Ова е прв случај во странство на инсајдерско тргување со криптовалути, соопштија американските обвинители во Менхетен, пренесува CNN Business.

Ишан Вахи, продукт менаџер на берзата за криптовалути и неговиот брат Нихил Вахи беа уапсени во четвртокот во Сиетл и се очекува да се појават пред федералниот суд. Тие и третообвинетиот, нивниот пријател Самир Рамани, се соочуваат и со граѓански обвиненија од американската Комисија за хартии од вредност.

Според обвинението, 32-годишниот Ишан Вахи споделил доверливи информации за претстојните најави за нови средства за криптовалути со кои Coinbase ќе им овозможи на корисниците да тргуваат преку својата берза.

Обвинетите, наводно, користеле блокчејн паричници ethereum за да ги стекнат средствата со кои се тргувало најмалку 14 пати пред најавите на Coinbase во јуни 2021 година и април 2022 година.

Обвинетите оствариле незаконски профит од најмалку 1,5 милиони долари

„Измамата е измама, без разлика дали се случува на блокчејн или на Волстрит“, рече во изјава Демиен Вилијамс, американскиот адвокат во Менхетен.

Во обвинението, исто така, се наведува дека Ишан Вахи купил авионски билет во еден правец за Индија, откако главниот службеник за безбедност на Coinbase го повикал во канцеларијата на компанијата во Сиетл на состанок.

Меѓутоа, органите на прогонот му забраниле да се качи на летот на 16 мај, бидејќи истрагата против него веќе била започната.

Филип Мартин, главен службеник за безбедност на Coinbase, рече дека компанијата споделила информации со обвинителите по внатрешна истрага.

„Ние сме посветени да го направиме нашиот дел за да се осигураме дека сите учесници на пазарот имаат пристап до истите информации“, напиша Мартин на Твитер.

Минатиот месец, федералните обвинители во Менхетен обвинија поранешен менаџер на производи во OpenSea, најголемиот онлајн пазар за незаменливи токени, за тргување со внатрешни информации во она што обвинителите го опишаа како прв таков случај со дигитални средства.