САД размислуваат да воведат построги санкции кон Кина

57

САД размислуваат да воведат нов пакет санкции против Кина за да ја одвратат од инвазија на Тајван, додека Европската унија е под притисок од Тајпеј да го стори истото.

Изворите наведуваат дека разговорите во Вашингтон се во рана фаза, а сето тоа се јавува како реакција на постојаните закани за воена инвазија на овој остров, кој Кина го смета за своја територија.

Идејата е да се воведат санкции кои покриваат многу поголем опсег од постоечките. Во моментов, санкциите наметнати на Кина главно се однесуваат на трговијата и инвестициите во компании вклучени во компјутерски чипови и телекомуникациска опрема.

Сè уште не се познати деталите, односно на што би можеле да се однесуваат новите санкции, но во секој случај, воведувањето санкции за втората по големина светска економија може да предизвика голема економска нестабилност во целиот свет.

Економските аналитичари во САД веруваат дека воведувањето санкции кон Кина би било многу посериозна игра од оние што во моментов и се наметнуваат на Русија, земајќи ја предвид моменталната зависност на американската економија од кинескиот увоз.

Потсетуваме дека минатиот месец Кина истрела неколку проектили во непосредна близина на Тајван и со пловни објекти ја премина неофицијалната поморска граница меѓу овие две земји. Енергичната реакција беше одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, која во Кина беше сфатена како намерна провокација.