САД:Трговскиот дефицит во септември достигна 96 милијарди долари

21

Надворешно трговскиот дефицит на САД се зголеми за 9,2 отсто во септември поради падот на извозот, што укажува на тоа дека трговијата веројатно повторно ќе има негативно влијание врз стапката на економски раст за третиот квартал.

Дефицитот во трговската размена на САД со светот минатиот месец достигна 96,3 милијарди долари, соопшти денеска Министерството за трговија, пренесе Ројтерс.

Извозот на стоки е намален за 4,7 отсто, а увозот за 0,5 отсто.

Извештајот, кој доаѓа пред податоците за бруто домашниот производ за третиот квартал, покажува и дека залихите на големо паднале за 1,1 отсто во септември, додека продажбата на мало паднала за 0,2 отсто, поттикната од остриот пад на залихите кај трговците со автомобили од 2,4 отсто, бидејќи глобалниот недостиг на чипови го поткопа производството на моторни возила.

Не сметајќи ги автомобилите, залихите во малопродажбата, кои влегуваат во пресметката на БДП, пораснаа за 0,6 отсто.

Според анкетата на Ројтерс, економистите проценуваат дека растот на БДП на САД од годишно ниво веројатно ќе биде 2,7 отсто во третиот квартал, што е значително забавување од стапката од 6,7 отсто забележана во вториот квартал.

Надворешната трговија го кочи растот на БДП на САД веќе една година, додека придонесот на залихите во производот е негативен два последователни квартали.