САД во акција за спас на пазарот: Интервенција со нафтените резерви за да се спречи енергетски шок

Соединетите Американски Држави најавија дека ќе ослободат дел од своите стратешки резерви на нафта со цел да го стабилизираат глобалниот енергетски пазар, откако цените повторно ја надминаа границата од 100 долари за барел поради зголемените тензии со Иран. САД ќе ослободат 172 милиони барели нафта од резервите, откако истото го најавија Германија и други земји.

Одлуката е донесена во координација со други земји членки на Меѓународната агенција за енергија (IEA), кои исто така планираат да пуштат дел од своите резерви на пазарот за да се намали притисокот врз цените и да се обезбеди доволно снабдување со енергенси.

Растот на цената на нафтата е поврзан со ескалацијата на кризата на Блискиот Исток и стравувањата дека конфликтот може да го наруши транспортот на нафта низ Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски коридори за глобалната трговија со енергенси. Преку овој теснец минува значителен дел од светскиот извоз на нафта.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ослободувањето на резервите е превентивна мерка за да се спречи нов енергетски шок и нагло поскапување на горивата на светскиот пазар.

Експертите предупредуваат дека доколку кризата со Иран продолжи да се продлабочува, цените на нафтата би можеле дополнително да растат, што ќе има сериозни последици врз светската економија и инфлацијата.